Спортистот од Уганда, кој минатата недела самоиницијативно го напушти олимпискиот тим во западниот дел на Јапонија, е пронајден и полицијата го испрашува.

Јапонската полиција соопшти дека 20-годишниот дигач на тегови од Уганда, Џулиус Секитолеко, е пронајден во градот Јокаичи, 170 километри источно од градот во кој престојуваше во западна Јапонија.

Полицијата ги истражува околностите под кои Секитолеко побегна во петокот од хотел во градот Изумисан и остави порака дека не сака да се врати во родната земја.

Според најновите ранг-листи, Секитолеко не успеал да избори настап на Олимпијадата што започнува в петок, и оваа недела требаше да се врати во Уганда.