Кенијците Марк Кипчумба Ротич во машка и Сузан Вачеке Мутони во женска конкуренција се победници на годинашниот 32. Меѓународен атлетски маратон што традиционално се одржува во Охрид на Денот на независноста на Република Македонија.
Ротич во конкуренција од 103 атлетичари во одлични временски услови патеката од Свети Наум до кејот на Охридското Езеро во Охрид, долга 30 километри, ја истрча за 1.42:44 часа, не успевајќи да го собори рекордот на трката поставен во 2016 година од неговиот сонародник Абел Кибет Роп (1:34:58).
Втор низ целта мина Словакот Габријел Свајда (1:49:34), додека третопласиран денеска беше атлетичарот Илир Рудани од Косово (1:51:10).
Најдобропласиран меѓу македонските маратонци денеска беше Александар Кираџиев, кој за малку пропушти место на подиумот, како четврт минувајќи ја целната линија.
Најуспешна во женска конкуренција е Кенијката Сузан Мутони, која во конкуренција на 38 атлетичарки патеката ја истрча за време 2:06:08 часа. Ниту таа не успеа да го собори рекордот на нејзината сонародничка Ребека Џепширшир Корир (1:48:12) постигнат во 2015 година. Второто и третото место на подиумот го освоја нашите атлетичарки Адријана Поп Арсова (2:09:13) која на целта пристигна пред Сања Најдовски (2:35:35).
Победникот на маратонот во Охрид Ротич по трката изјави дека таа минала прекрасно, низ прекрасна природа, интересна траса со многу нагорнини и надолнини, што според него претставува предизвик, но и добра можност за проверка на личните способности.
– Многу ми се допадна трката, голема благодарност на организаторите за нивното гостопримство. Првпат сум тука и секако ќе дојдам повторно, рече Ротич кој веќе наредната седмица ќе трча на маратон во Полска.
Во рамки на манифестацијата оваа година како и минатата се трчаше петкилометарската „Трка на независност“ воведена како обид за омасовување на маратонот. Трката со хуманитарен предзнак годинава се трчаше во знак на поддршка на лицата и семејствата со Алпорт синдромот. Победници на денешниот мал маратон се Григоријан Никовски во машка и Анја Еклер во женска конкуренција, кои патеката од пет километри ја истрчаа за 18:01, односно 21:16 минути.
Покрај благодарници и медали за победниците обезбеден е скромен паричен награден фонд со предвидени 700 евра за победникот, 300 за второпласираниот, како и 200 евра за третопласираниот маратонец. Скромни парични награди се предвидени и за најдобрите македонски атлетичари.
Атлетскиот маратон во Охрид се одржува од 1976 година, а се до 1993 година на 7 ноември – Денот на ослободувањето на градот во Втората светска војна. Од 2004 година наваму маратонот добива меѓународен предзнак и со исклучок на 2011 година, се одржува секоја година на 8 септември, по повод Денот на осамостојувањето на Република Македонија.
Манифестацијата години наназад се соочуваше со потешкотии околу организирањето, но ситуација е подобрена благодарение на поддршката што пристигна од Атлетската федерација на Република Македонија, од Агенцијата за млади и спорт и од општина Охрид.
Comments are closed for this post.