Во организација на Амбасадата на Шпанија во Скопје и институтот Сервантес во Белград и Ла Лига, денес во просториите на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) беше промовиран првиот шпанско-македонски „Фудбалски речник на ЛАЛИГА“.

Проектот доби поддршка и од министерот за спорт Борко Ристовски.
– Благодарност до шпанскиот амбасадор за се она што го прави за Македонија и за зближување на двата народа. Фудбалот и спортот се универзален јазик од којшто единствена полза може да имаат и народите и државите преку проширувањето на пријателствата низ Европа и светот, како и градењето мостови помеѓу државите. Затоа Министерството за спорт застана зад овој проект за кој сметаме дека е почеток на една приказна која во иднина ќе донесе многу поблиски односи со нашите пријатели од Шпанија, рече министерот Ристовски.
Амбасадорт на Шпанија но нашата држава Рафаел Сориано Ортиз нагласи дека главната цел на амбасадата е да ги зближи двете држави.

– Денес тоа го правиме со комбинирање на спортот и јазикот. Овој фудбалски речник ја признава важноста на шпанската Ла Лига и е еден начин да се истакне она што најдобро го претставува нашиот национален идентитет, а тоа се нашите јазици, потенцира шпанскиот амбасадор.
Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ изрази задоволство од можноста да се соработува со една од најсилните пет лиги во Европа.
– Многумина во Македонија ја следат шпанската Ла Лига. Ние со задоволство даваме поддршка на овој проект. Ќе се обидеме да ги искористиме односите со нашите пријатели од Шпанија, да испратиме наши тренери и млади фудбалери на усовршување и едукација во шпанските клубови, потенцира Омерагиќ.

Во шпанско-македонскиот фудбалски речник се претставени сите 20 клуба во Ла Лига, содржи термини за играчи, теренот, елементи на играта, а има и зборови од разговорен јазик и основен вокабулар.







Comments are closed for this post.