Игор Ивановски, спортскиот директор на најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар, во емисија на МРТ зборуваше за тоа како се успеа во проектот за враќање на „црвено-црните“ на вистинскиот пат.

– За само 364 дена, Вардар не само што излезе од калта во која го затрупаа сите оние кои што „најмногу го сакаа“, туку успеа да го освои Купот на Македонија и да се пласира во квалификациите во Конференциската лига. Клубот кој беше на дното, со долгови до гуша, денеска стои исправено, растоварен од блокади. Имаше повеќе финансиски проблеми отколку играчки. Ако некој пред една година кажеше дека денеска ќе зборуваме за второ квалификациско коло во Конференциската лига, ќе изгледаше како невозможна мисија. Клубот се врати таму каде што треба да биде. И со самото тоа Вардар ја спаси честа на македонскиот фудбал. Има екипи кои со децении играат во Европа и не можат да направат еден чекор напред, рече Ивановски.

Вардар кој денес слави 78 години постоење, в четврток ќе игра со Лозана  во 2. квалификациско коло на Конференциската лига.

Ивановски верува во позитивни резултати во следните години.

– Создаден е тим кој ќе атакува на победи и успеси. Клубот нема сериозни финансиски проблеми, стои стабилно. Но, во Вардар работите се менуваат од час во час, од ден за ден, па затоа одиме чекор по чекор, сега мислиме само на Лозана. Потребен е план, луѓе и сериозни спонзори кои ќе ја препознаат визијата за спас на македонскиот бренд, и еве денеска сето тоа носи експресни резултати, она што беше претходно и сега тоа што е Вардар е разлика во светлосни години.

Првиот натпревар од пресметката меѓу Вардар и Лозана се игра на арената „Тодор Проески“ со почеток во 20:30 часот