Фудбалската репрезентација на Македонија го елиминира европскиот првак Италија (0-1) во баражот за пласман на Светското првенство во Катар. Херој е Александар Трајковски кој постигна во 90.минута. Одиме во финале, против Португалија во Порто, на чекор до мундијалот.

Италија нападна од стартот, а Македонија создаде блок пред голот на Столе Димитриевски. Имаше и грешки, но во глобала функционираше добро.
По половина час дојде најсериозната опасност за Италија, и тоа по грешка на Столе Димитриевски. Македонскиот голман сакаше да додаде во средината, но топката стигна до Доменико Берарди, кој беше во одлична шанса. Тој шутираше кон празниот гол, но Столе Димитриевски успеа да ја исправи грешката и го одбрани ударот.

Дарко Чурлинов во 39.минута украде топка од дефанзибците на Италија, тргна сам кон голот на Донарума, но не издржа во спринтот и Флоренци стигна да ја одземе топката.

Во 45.минута, Македонија го упати првиот директен удар кон голот на Донарума. Барди го проигра Трајковски, кој шутираше од 20 метри, но Донарума одбрани.

„Инвазијата“ на Италија продолжи и во второто полувреме. Берарди беше најактивен. Се закани со два удари откосо од десната страна, а во 64.минута имаше одлична шанса, но во последен момент блокираше Алиоски.

Емерсон силно шутираше од 18 метри во 79.минута, но над голот на Македонија.

И дојдоа последните пет минути. Продолжение. Александар Трајковски шутира од 25 метри и го совлада Џанлуиџи Донарума.