По 10 натпревари пауза поради повреда, Стефан Кари се врати на теренот, но ни тоа не беше доволно за Голден Стејт вориорс, да дојде до победа. Актуелниот НБА шампион загуби на гостувањето кај Детроит пистонс со 111-102, со што ја продолжи лошата резултатска низа на гостински терен, што почна со повредата на Кари.
Во десетте одиграни натпревари без својот најдобар кошаркар, „воините“ загубија на сите пет гостувања, а таа серија ја зголемија на шест последователни порази на гостувањата и со Кари во тимот. Тој одигра сосема солидно и покажа дека паузата не оставила преголем траг на неговата форма, па мечот го заврши со 27 поени. Одлична соработка имаше и од Кевик Дурант кој постигна 28 и Клеј Томсон, кој мечот го заврши со 21 поен.
Сепак, тие бројки на ударното трио на Голден Стејт не беа доволни во дуелот со расположените кошаркари на Детроит, кои беа предводени од Блејк Грифин, кој постигна 26 поени и Андре Драмонд, кој оствари дабл-дабл од 16 поени и 19 скокови.
Резултати од синоќешните натпревари
Детроит – Голден Стејт 111-102
Њујорк – Милвоки 136-134 (прод.)
Вашингтон – Бруклин 102-88
Кливленд – Торонто 95-106
Хјустон – Чикаго 121-105
Минесота – Бостон 109-118
Сакраменто – Индијана 111-110
Comments are closed for this post.