Македонската тенисерка Лина Ѓорческа триумфираше на турнирот во романскиот град Слобозија што се играше за награден фонд од 40.000 долари. Таа во финалето ја совлада домашната тенисерка Елена Бертеа со 2-1 во сетови (3:6; 6:3 и 6:4) за 2 часа и 15 минути игра.

Во првиот сет до резултатот 3:3 во гемови немаше брејк, а потоа домашната тенисерка со два брејка го освои сетот и поведе со 1-0 во сетови. Во вториот сет Бертеа водеше со 3:1 во гемови, но тука почнува пресвртот на Лина Ѓорческа која освои пет гема во низа и го доби сетот со 6:3 во гемови и изедначи на 1-1 во сетови.

Во решавачкиот сет македонската тенисерка поведе со 4:2, но Бертеа изедначи на 4:4. Сепак Ѓорческа успеа да ги добие следните два гема и го доби сетот со 6:4 за конечни 2-1 во сетови.

Ова за Ѓорческа е вкупно 15.та титула во поединечна конкуренција, а го играше 39.то финале. Лина има и 47.титули во конкуренција на двојки.

За победата на турнирот во Слобозија, Ѓорческа освои 50 поени и ќе напредува на ВТА листата. Лина следната недела ја очекува настап на турнир во Букурешт.