Германската Влада денеска потврди дека семејствата на 11 израелски спортисти убиени од палестинските напаѓачи на Олимпијадата во Минхен во 1972 година ќе добијат 28 милиони евра отштета.
Во таа сума ќе бидат вклучени и претходните плаќања.
Ова е значително поголем износ од 10-те милиони евра што Германија првично им ги понуди на семејствата пред 50-годишнината од масакрот. За в понеделник е закажана комеморација.
Германскиот канцелар Олаф Шолц е задоволен од договорот со семејствата на жртвите, изјави владиниот портпарол.
– Германија ја нагласува својата одговорност за грешките кои биле направени таму во 1972 година, но и за децениите што следеа, додаде тој.
На прашањето дали Германија би прифатила извинување за нападот од актуелното палестинско раководство, портпаролот рече: „Да“. ;
Тој додаде дека за ова прашање не било разговарано на неодамнешната средба во Берлин со палестинскиот претседател Махмуд Абас, кој ги отфрли прашањата за можно извинување и го обвини Израел дека „извршил 50 холокаусти врз Палестинците“, што предизвика бес во Германија и пошироко.
Како дел од договорот со семејствата, Германија се согласи да ги признае пропустите направени од тогашните власти и да им дозволи на германските и израелските историчари да ги разгледаат настаните поврзани со нападот.
Нападот врз спортистите се случи на 5 септември 1972 година, кога осумчлената палестинска група „Црн септември“ влезе во зградата во Олимпиското село каде што беа сместени израелските спортисти и уби двајца, а држеше девет заложници. Во спасувачката акција загинаа петмина спортисти и шестмина тренери, како и еден германски полицаец.
Целта на нападот беше ослободување на 232 политички затвореници кои ги држеше Израел, германските терористи Улрике Мајнхоф и Андреас Бадер и јапонскиот терорист Козо Окамото.
Во акцијата за спасување убиени се пет терористи, а тројца се уапсени.
Семејствата на убиените ја обвинија Германија дека не успеала да го обезбеди Олимпиското село со тоа што одбила помош од Израел, а потоа ја оневозможила спасувачката операција.
Веднаш по нападот, Германија на роднините на жртвите им платила околу 4,19 милиони марки или околу два милиони евра, соопшти Министерството. Агенцијата ДПА објави дека во 2002 година роднините добиле уште три милиони евра
Comments are closed for this post.