Пред спортскиот центар „Јане Сандански“, со емотивна и инспиративна церемонија, вечерва беше свечено затворен Европскиот младински олимписки фестивал – ЕМОФ Скопје 2025. Изминатата недела, Скопје и Куманово беа епицентарот на олимпискиот младински дух.
Церемонијата започна со видео-анимации инспирирани од спортските дисциплини и симболиката на ЕМОФ, проследени со поздрав до сите учесници – младите спортисти, тренерите, делегациите и волонтерите – кои со својата енергија и посветеност испишаа нова олимписка приказна за Европа.
Програмата продолжи со интонирање на химната на Македонија и свечена парада на делегациите, по што на сцената се појавија 20 волонтери – симболично претставувајќи ги над 700 ентузијасти кои несебично придонесоа за реализацијата на фестивалот.
Претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски им се заблагодари на сите учесници и истакна дека Македонија повторно покажа дека може да организира настан од европско значење со срце, страст и професионалност.
„Македонија беше горд домаќин на новата генерација олимписки надежи. Она што го сведочевме за време на ЕМОФ Скопје 2025 беше многу повеќе од спортски натпревари. Тоа беше прослава на младоста, на искреното пријателство, на взаемната почит и инспиративниот дух што нè обедини. Овие млади спортисти нè потсетија на вистинските олимписки вредности – единство, страст и извонредност. Горди сме што Македонија не само што покажа дека може да организира настан од ваков обем со професионалност и срце, туку уште повеќе – дека може да инспирира и да обедини луѓе од цела Европа. Ви благодариме што ја споделивте вашата енергија, вашите соништа и вашата младост со нас. Ова е наследство што ќе го носиме понатаму,“ рече Димевски.
Претседателот на Европските олимписки комитети, Спирос Капралос, официјално го прогласи фестивалот за затворен. Беше интонирана химната на Европските олимписки комитети – „Ода на радоста“, беше свечено спуштено знамето на ЕОК, а олимпискиот оган на ЕМОФ беше изгаснат.
Comments are closed for this post.