Светскиот шампион во тешка категорија Британецот Ентони Џошуа ги задржи титулите откако со технички нокаут во седмата рунда го победи предизвикувачот, рускиот боксер Александар Поветкин. Бокс – мечот се одржа синоќа на стадионот Вембли во Лондон.

Почетокот на мечот, кој имаше глобален интерес, му припадна на Русинот, кој зададе неколку тешки удари, по кои Џошуа беше во целосна дефанзива, доби и повреда на едното око, па дури одеше и кон пораз.

Но, како се одвиваше мечот така Џошуа покажа совршен и интелигентен бокс, а на крајот со неговиот познат лев директ и десно кроше го реши мечот. Судијата во седмата рунда мораше да го прекине мечот, зашто оцени дека Поветкин веќе не може да боксува откако два пати беше испратен на подот.

Со оваа победа Џошуа има биланс од 22 победи, од кои 21 со нокаут, и ниту еден загубен меч. Тој ги држи титулите во верзиите ИБФ, ВБА супер и ВБО.