Елон Маск, основач на производителот на електро автомобили Тесла, синоќа во Лос Анџелес презентираше нов автомобил на електричен погон наречен „Сајбертрак“. Автомобилот е теренец, пикап верзија за транспорт на патници и стоки, и целосно е направен од челик со бронирани стакла.
На презентацијата Маск повика вработен во компанијата да ја демонстрира издржливоста на шасијата и стаклата. Автомобилот издржа удари со голем чекан – стаклото не се скрши, а на шасијата немаше длабнатини и гребнатини.
Носечката конструцкија на електро пикапот е направен од ладновалан нерѓосувачки челик без нанесување боја, наречен и „егзоскелет“ (голем дел од достапните пикап возилата со средна и полна големина на американскиот пазар имаат рамна конструкција). Истиот челик е употребен во ракетата „Старшип“, со која компанијата на Маск планира да испрати луѓе на Месечината и на Марс.
Стаклата, поставени одделно, не се скршија ниту на тест за издржливост со употреба на голема метална топка. Но стаклата сепак се скршија на самиот автомобил, откако главниот конструктор, Франц фон Холцхаузен, испушти металната топка од висина од неколку метри.
И покрај тоа што тестот не успеа, Маск укажа дека топката се одбила и не завршила во салонот на автомобилот. Истакна и дека шасијата на „Сејбертрак“ е непробојна за куршуми со калибар од 9 мм.
Comments are closed for this post.