Двократниот европски првак и најдобар македонски каратист во борби, репрезентативецот Емил Павлов (категорија до 60 кг), го освои бронзениот медал на силната Премиер-лига во карате, која викендов се одржа во Истанбул, Турција, по едногодишна пауза, поради пандемијата на коронавирусот. Во борбата за третото место, членот на КК Штип, со 4-1, го победи Казахстанецот Каизар Алписбаир.
Претходно Павлов ги елиминира Азербејџанецот Аминга Гулиев (3-0), Јорданецот Аеф Гаит (3-2) и Шпанецот Матијас Гомез (8-3), додека во полуфиналето загуби од Азербејџанецот Фирдовски Ферзалиев (2-5).
– Презадоволен сум од настапот во Истанбул, кој го оценувам како многу успешен. Почнав таму каде што завршив пред почетокот на ковид-19, со голем резултат, поточно по една година без натпревар. Но овој медал не е случаен, откако почна пандемијата јас не ни престанав со тренинзите, постојано вежбав и вежбам нови елементи, кои ќе ми помогнат во следниот период за мојата најголема цел, а тоа е норма и медал од Летните олимписките игри (ЛОИ) во Токио. Во Истанбул остварив четири победи и еден пораз. Во борбата за бронзата одработив максимално паметно и концентрирано и заслужено победив. Добро го познавам Казахстанецот, знаев што ме чека, го анализиравме сето тоа со селекторот Сашко Арсовски, успеав да го изненадам со ножна техника, а ја имав и контролата на татамите во текот на целата борба. Едноставно, бев подготвен на физички и психички план, како да не сум имал пауза од една година – ни изјави Павлов по освоениот медал.
На годинашново премиерно издание во Премиер-лигата во карате настапија над 600 учесници од 69 држави, од 280 клуба. Од другите македонски учесници (вкупно 16), Берат Јакупи (до 84 кг) забележа три победи, а во четврт-финалето загуби од искусниот турски претставник Угур Акташ, кој, пак, не се пласира во финалето, а со тоа пропадна и шансата за Јакупи да обезбеди бараж-борби. Виктор Крстевски (до 84 кг) забележа две победи, но, исто така, без репасаж.
Премиер-лигата во Лисабон, ЕП (од 19 до 23 мај) и квалификациите за ЛОИ во Париз (од 11 до 13 јуни) се настаните каде што ќе можат уште да се освојуваат бодови потребни за пласман на ЛОИ во Токио.
Comments are closed for this post.