Португалскиот фудбалски репрезентативец Диого Жота и неговиот помлад брат Андре Силва ќе бидат погребани в сабота во родниот град Гондомар, во близина на Порто.
Голем број луѓе се собрани пред локалната црква каде утрово почна бдеење пред утрешната погребна церемонија која ќе почне во 10 часот по локално време.
Британските медиуми објавија дека сè уште не е јасно дали семејството ќе се одлучи за приватен или јавен погреб, но се очекува да присуствува и португалскиот претседател Марсело Ребело де Соуза.
Жота (29) и неговиот брат Андре Силва (26) загинаа ноќта меѓу среда и четврток во сообраќајна несреќа во шпанската покраина Замора, кога нивниот автомобил излетал од патот.
Шпанскиот весник „Марка“ објави дека автомобилот се запалил и дека пламенот набрзо се проширил на блиската вегетација.
Според детали од истрагата, Жота, кој настапуваше за Ливерпул и неговиот брат Силва, кој го носеше дресот на португалскиот второлигаш Пенафиел, загинале околу половина час по полноќ, откако на нивниот автомобил се дупнала гума додека се обидувале да престигнат друго возило.
Браќата го почнале патувањето од Порто и планирале со брод да пристигнат во Англија каде Жота требаше да им се приклучи на своите соиграчи во Ливерпул за подготовките за новата сезона.
Шпанските медиуми објавија дека Жота неодамна бил подложен на мала операција и лекарите му советувале да не патува со авион.
Comments are closed for this post.