Македонскиот и шпанскиот ракометен шампион, Еурофарм Пелистер и Барселона синоќа во Битола приредија вистински ракометен спектакл, не штедејќи ги тајните на ракометната игра.
Светскиот клупски првак Барселона го совлада Еурофарм Пелистер со 34:30 (17:13) во рамки на петтото коло од групата Б во Лигата на шампиони, но резултатот брзо ќе биде заборавен, а мајсториите на Дикамем, Емил Нилсен и Макуч кај гостите, односно на Филип Кузмановски, Дејан Манасков и Никола Митревски кај домаќините долго ќе се паметат. Најубавиот момент на натпреварот беше регистриран во 58 минута кога Митревски и Манасков го надитрија најдобриот голман на светот Нилсен.
Иако спортскиот пораз на пелистерци беше очекуван, сепак домашниот тим покажа храбра и отворена игра која анализирана низ резултатот може да се каже дека Еурофарм Пелистер во второто полувреме беше рамноправен, а на моменти и подобар тим.
Бодовите патуваат во Барселона, а аплаузот од навивачката група „Чкембари“ остана за двете екипи, но и актерите на мечот на крајот ѝ аплаудираа на битолската публика.
Статистички, најефикасни на средбата беа Манасков и Хенингман со по осум голови во домашниот тим, а кај гостите се истакнаа Макуч и Мем со по шест голови.
За Еурофарм Пелистер ова е четврти пораз во петтиот натпревар по кој остана на претпоследното место во групата пред дуелот на гостински терен против лидерот Магдебург на 23 овој месец.
Comments are closed for this post.