Македонските тимови кои учествуваа на Олимпијадата за роботика – Minoan Robotsports Competition Global Olympiad што се одржа на Крит од 3 до 6 април, покажаа супериорност и освоија прво и второ место во најтешката дисциплина каде роботите што се дизајнирани, изградени и програмирани од учесниците целосно автономно извршуваат серија комплексни задачи со висока прецизност и сигурност.

Тимот SPACE WALKERS (на возраст од 13 до 18 години) составен од Павел Попоски, Анастасија Дудеска и Јаков Петков освои злато, Матеа Андонова, Глигор Дединец и Петар Копачев од тимот SPACE WALKERS ALFA (на возраст до 12 години) се закитија со сребро, а Андреј Спасевски и Стефан Пешов од SPACE WALKERS JR се пласираа на петтата позиција. Резултати се постигнати под водство на менторите Александра Митревска и Жарко Поп-Илиев од СТЕМ Академија.

Овој настан претставува една од најпрестижните светски олимпијади за роботски спортови, каде учество земаа околу 1.500 тима од над 40 држави од целиот свет.

„Ова искуство ги мотивира децата цврсто да чекорат кон кариери во STEM областите, свесни дека поседуваат менталитет и вештини со кои можат рамноправно да се натпреваруваат и да победуваат на глобалната сцена. Децата иста така учат како да претворат идеја во функционален физички робот, разбирајќи ги принципите на механиката и физиката. Учат како машината  „размислува“ и како носи одлуки во реално време врз основа на сензорски податоци. Децата исто така развиваат способности за брзо дијагностицирање на проблемот, изнаоѓање креативно решение во ограничено време, градејќи психолошка отпорност и упорност. Преку поделбата на задачите се прифаќа идеја дека успехот зависи од синхронизацијата на целиот тим “, истакна Александра Митревска, ментор на тимовите.

Од истата Олимпијада во 2024 и 2025 година тимовите на Академијата СТЕМ освоија извонредни резултати. Лани ги освоија првото, второто и третото место во категоријата петобој арена, а пред две години се пласираа на првото и на второто место. Континуираните успеси потврдуваат дека роботиката за овие деца не е само хоби, туку платформа за создавање на следната генерација македонски инженери, програмери и лидери во технолошкиот свет.