Во организација на Партијата за заштита на човековите права, во која членуваат прпадниците на грчкото малцинство, во Тирана е одржана тркалезна маса на тема „Предизвикот за малцинските права сè уште без одговор”.
Средбата е одржана по повод 10-ти декември, Меѓународниот ден на човековите права. Со неа раководеше лидерот на партијата Вангел Дуле а со свои дискусии учествуваа преставници на грчката, македонската, влашката, ромската, српската, бошњачката и египќанската заедница во Албанија.
Преставниците на малцинствата бевме едногласни дека „Законот за заштита на националните малцинства во Република Албанија” не ги решава проблемите со почитувањето на правата на малцинствата на цела територија на земјата. Иако овој закон се донесе пред една година, се уште не е стапен во сила, бидејќи не се усвоени подзаконските акти со кои ќе се овозможи негова имплементација, изјави Васил Стерјовски, претседател на македонското друштво „Сонце”.
Покрај тоа, додава тој, на средбата договорено е да се формира кординативно тело со претставници од сите малцинства, со цел заеднички да се борат за нивните легитимни права во Албанија.
Законот за заштита на малцинствата албанскиот Парламент го усвои кон средината на октомври минатата година, со гласовите на владејачките социјалисти и опозициските демократи. Против беа пратениците од Социјалистичкото движење за интеграција и пратеникот и лидер на партијата на Грците, Вангел Дуле.
Покрај несогласувањето на Македонците со усвоениот закон, за разлика од првичната верзија, со која се признаваа осум национални малцинства Македонци, Власи, Грци, Египќани, Срби, Бошњаци, Црногорци и Роми, под притисок на официјална Софија, внесено беше постоењето и на бугарско национално малцинство.
Претседателот Илир Мета одлучи да го искористи правото да не се изјаснува за Законот туку тој да стапи во сила без негово изјаснување, што е право на шефот на државата, по што законот беше објавен во службен весник, но во него го нема потписот на Мета.
Comments are closed for this post.