Врз основа на конечните резултати од изборите што Централната изборна комисија ги соопшти по еден месец од денот на изборите, локалната власт во Албанија е речиси целосно во рацете на владејачката Социјалистичка партија на премиерот Еди Рама.
Во 60 од вкупно 61 општина, градоначалниците се од изборната коалиција „Алијанса за европска Албанија“ предводена од социјалистите, кои имаат и најмногу градоначалнички места, а само со општина Финиќ, ќе раководи кандидат на МЕГА, партија на припадниците на грчкото малцинство.
Што се однесува до Советите на општините, од вкупно 1.617 членови во 61 општина, дури 1.555 се од изборната коалиција „Алијанса за европска Албанија“, при што 1.136 се социјалисти. Изборната коалиција „Надеж за промени“ има освоено 12 советнички места, додека деветте партии кои самостојно учествуваа на изборите освоија 50 советнчки места, од нив четири Македонска алијанса за европска интеграција.
Она што паѓа в очи е податокот дека националистичката Алијанса на црвено црните, која беше дел од коалицијата „Надеж за промени“ нема освоено ниту едно советничко место, додека пак ниту еден глас не добила Националната конзервативна партија на Кујтим Ѓузи што значи дека не гласал ниту самиот тој.
Локалните избори,спроведени на 30 јуни ги бојкотираа главните опозициски партии, Демократската и Социјалистичкото движење за интеграција, кои се дел од обединетата албанска опозиција.
Според конечните резултати, на 30 јуни, правото на глас го искористиле 811.727 албански граѓани или 22,96 отсто од вкупниот број запишани во еднствениот избрачки список
Comments are closed for this post.