Не сме копотписници на Договорот од Преспа. Како што ни оставивте во наследство други прашања, така во наследство го добивме и лошиот договор за кој треба да работиме за резултатите да ги направиме многу подобри – изјави алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, надлежен за европски прашања Милитиадис Варвициотис, за време на расправата во Парламентот за гласање доверба на владата.
Алтернативниот шеф на грчката дипломатија им се обрати на поранешниот премиер Алексис Ципрас и на поранешниот министер за надворешни работи Јоргос Катругалос, велејќи дека дошло до недоразбирање во однос на она што тој го кажа на конференцијата на „Економист“.
Варвициотис го повтори веќе изнесениот став дека Нова демократија се борела и сторила сѐ за да не се потпише и да не се ратификува Договорот од Преспа, затоа што партијата смета дека станува збор за лош договор и не ги решава националните прашања на корисен начин.
Да не се истрчувате и да велите дека сме копотписници на Договорот од Преспа. Го наследивме, ќе се обидеме, преку тесната рамка што е опишана да ја подобриме реалноста што ја создава и тоа ќе го направиме доследно, со труд, со меѓународните сојузништва и без да ја ризикуваме позицијата на земјата. Бидејќи секоја друга политика би значела дека го имаме загубено нашето главно оружје, што беше ветото за влез на Скопје во НАТО, а од друга страна ја имаме изгубено Времената спогодба, што го предвидуваше начинот на кој оваа држава се претставува во меѓународните организации – изјави алтернативниот министер за надворешни работи на Грција.
Варвициотис објасни постојат две полиња на кои треба да работат за резултатите од „лошиот договор да бидат многу подобри за грчките национални интереси“.
Прво е полето на економијата, прашањето со бизнисите, производите, кои треба да ги зајакнеме, треба да го дадеме поттикот што треба и, секако, треба на европско ниво да ја гарантираме нивната автентичност. Второто е прашањето со иредентизмот. И овде сакаме да испратиме јасна порака дека ќе бидеме во континуиран процес на следење и на развојот на предвиденото во Договорот, но уште повеќе кога ќе се отвори европскиот пат на северниот сосед кон Европската унија, тогаш во секоја фаза ќе бидеме таму за да следиме, бидејќи сакаме Западен Балкан да оди напред во Европа, но без никакви отстапки, ниту за прашањата со иредентизмот, ниту за прашања кои се поврзани со владеењето на правото – изјави Варвициотис.
Comments are closed for this post.