Нема договор на европско ниво за враќање на борците кои заминале да војуваат со таканаречената Исламска држава во Сирија, и покрај повиците на американскиот претседател Доналд Трамп, јави дописничката на МИА од Брисел.
Трамп пред два дена ги повика земјите од Европската унија да ги земат назад борците на ИД кои останале во Сирија, но прашањето е исклучително чувствително, и не може да биде решено на ниво на ЕУ. На вчерашниот состанок на министрите за надворешни работи во Брисел не е постигнат заеднички став по ова прашање, потврди шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини.
Додека некои земји се отворени за враќање под одредени услови и процедури, на некои од нивните граѓани кои заминале да се борат во Сирија, други земји остро се спротивставуваат.
Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, порача дека не доаѓа предвид никакво враќање на борците во Европа.
Ова е сигурно најголемиот предизвик за нас во следните месеци, нашиот главен напор сега треба да биде да не им дозволиме да се вратат во Европа и порача дека балканската рута треба да остане затворена.
Словачкиот министер, Мирослав Лајчак, се покажа пофлексибилен и порача дека поддржува враќање на борците.
Белгија, која е меѓу земјите со најголем број борци заминати на воените жаришта на Блискиот Исток во последните години, смета дека треба да бидат примени сите деца на џихадисти до десет години, и дека секој случај ќе биде анализиран повторно. Останува проблемот за тоа дали треба да им биде дозволено враќање и на мајките на овие деца. Граѓанските организации за заштита на правата на децата во Белгија оценуваат дека земјата има обврска да им даде дозвола и на мајките да се вратат, но безбедносните служби не се уверени дека сите тие жени не претставуваат опасност, во секој случај, најверојатно е дека ќе мораат прво да одлежат затворски казни доколку се утврди дека биле дел од терористички активности.
Comments are closed for this post.