Коалицијата на поранешниот народен правобранител на Бугарија Маја Манолова „Исправи се! Мафијата надвор!“, на патриотските партии, кои се договорија за заедничко учество „Бугарски патриоти“ и „Левиот сојуз за чиста и света република“ на поранешниот бугарски премиер Жан Виденов (1995-1997) се регистрирани денеска во Централната изборна комисија за учество на предвремените парламентарни избори на 11 јули, јави дописникот на МИА од Софија.

Од „Исправи се! Мафијата надвор!“ изјавија дека влегуваат во предизборниот натпревар со амбиција за уште поголема група во идното Народно Собранието на Бугарија.

Ќе влеземе во парламентот со своите пратеници и ќе ги продолжиме темите што ги поставивме – демонтирање на мафијашкиот модел, рече Маја Манолова.

Претставниците на трите патриотски формации – ВМРО, НФСБ и Волја, од коалицијата „Бугарски патриоти“, објаснија дека амбицијата со која одат на избори е да имаат многу сериозно присуство во следниот парламент. „Лидерите ќе учествуваат во кампањата, нема да бидат на листите со пратеници. Веруваме дека нашето присуство гарантира стабилност, додаде Борис Јачев.

Документи за регистрација во ЦИК беа доставени и од „Левиот сојуз за чиста и света република“, чиј дел е поранешниот бугарски премиер Жан Виденов, за чие време во 1996-97 година земјата доживеа хиперинфлација и девалвација на бугарскиот лев

Бугарската социјалистичка партија на Корнелија Нинова сè уште не се согласи за широка левичарска коалиција. Пријавувањето на партиите и коалициите за предвремените парламентарни избори во Бугарија трае до 27 мај.