Не треба да се исклучи дека Приштина ќе се обиде да направи нешто слично како Црногорската православна црква, вели српската премиерка Ана Брнабиќ.

Брнабиќ додаде и дека косовскиот премиер Албин Курти во писмото за српското културно и верско наследство и манастирите зборува како нивно културно и верско наследство, односно косовско наследство.

Тоа е она на што сме ние спремни, знаеме како по дипломатски пат да се бориме против тоа, изјави премиерката.

Брнабиќ оцени дека писмото кое на претставниците на УНЕСКО им го испрати Албин Курти е врв на лицемерието и цинизмот.

Манастирите се под постојано око на КФОР, особено Високи Дечани. Не може да се каже дека не им е загрозена безбедноста, а постојаните притисоци врз монасите и Српската православна црква продолжуваат, рече Брнабиќ.

Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, денес оценил дека премиерот на Косово, Албин Курти, не сака да ги штити српските цркви на таа територија, туку да ги претстави како „албанско наследство“.

Опасно е што Албин Курти не зборува за потеклото, односно кој е сопственик на српското културно наследство во Косово, не ја споменува Српската православна црква или државата Србија, но ги гледа во контекст на албанската историја, изјавил Петковиќ за РТС.

Српските манастири, вели тој, мора да бидат под заштита на УНЕСКО.