Повеќе од половина од албанските граѓани посакуваат да заминат во некоја побогата земја каде што очекуваат дека ќе имаат подобар живот и подобро образование, се наведува во студија изработена од професорот Расел Кинг од Универзитетот во Сасекс и албанскиот истражувач Илир Гедеши.
Студијата открива дека потенцијалната миграција на земјата се зголемила од 44 проценти во 2007 година на 52 проценти во 2018 година.
По падот на комунизмот во Албанија, во 1991 година, повеќе од 1,4 милиони Албанци, речиси половина од сегашната популација во земјата, емигрирале, главно во Италија и Грција, а помалку во Велика Британија, Германија и САД, се наведува во студијата.
Во неа стои дека економските мотиви се уште се главниот фактор на миграцијата, но за разлика од порано, Албанците сега претпочитаат да заминат во Германија и во САД, а не во соседните земји.
Околу 65.000 Албанци побарале азил во Германија во 2015 и 2016 година, но на повеќето од нив барањата им се одбиени, бидејќи земјата се сочуваше со приливот на Сиријци кои бегаа од војната. Германија од почеток ги прими речиси сите нови дипломирани лекари и медицински сестри, за кои и натаму покажува голем интерес, вели Гедеши.
Поради економската криза од 2008 година, која ги погоди економиите на Италија и Грција, кои беа „дом” за околу милион Албанци, 133.544 албански емигранти беа принуди да се вратат во Албанија, но повеќето од нив „среќата” се обиделе да ја побараат во други земји, стои во студијата.
Големата невработеност на неквалификуваната и необразована работна сила, на почеток беше главниот извор за емиграција. Сега нештата се сменети, бидејќи заминуваат образовани кадри, кои имаат добра работа, но сепак сакаат да заминат заради подобар живот. Друга причина, во последните години е желбата на младите за подобро и поквалитетно образование, посочува Гедеши.
Според пописот спроведен во октомври 2011 година, Албанија има 2.891.977 жители. Од вкупната попишана популација, со постојано место на живеење во Албанија се 1.421.810 жители, додека другите престојуваат во странство до една година.
Споредено со податоците од пописот во 2001 година, бројот на вкупната популација е помал за 7,7 отсто, како резултат на емиграцијата и намалениот наталитет. Во неодамна објавена студија се предвидува дека до 2025 година бројот на населението во Албанија би можел да падне под еден милион.
Comments are closed for this post.