Откако три дена не можела да стапи во контакт, ќерката на 74-годишната Ирини Кацотурхи, која што е единствениот жител на малиот грчки остров Кинарос, преку грчките медиуми ја изрази загриженоста за нејзината мајка, по што почна и акција за пронаоѓање, јави дописничката на МИА од Атина.
Хеликоптер на грчката воена морнарица прелетал над малиот остров во Егејско Море, но без резултат, а според грчките медиуми, доколку временските услови дозволат, ќе биде испратен хеликоптер „Супер пума“ со спасувачи за да се симнат на островот и да проверат дали 74-годишната жива и здрава во нејзиниот дом или пак нешто и се случило.
Во саботата на 28 декември 2019 малиот остров го посети заменикот министер за одбрана на Грција Алкивиадис Стефанис и се сретна со единствената жителка. Сега, во изјава за порталот на весникот „Прото тема“, заменикот министер смирува истакнувајќи дека можеби има проблеми со телефонските линии поради лошото време.
– Не помислувајте на најлошо. Штом ќе се смири времето ќе стигнеме на островот или со хеликоптер или со брод. Во моментов времето не го дозволува тоа, вели Стефанис за грчкиот портал.
Според грчките медиуми, 74-годишната Ирини, од тригодишна возраст израснала на островот Кинарос. Откако се омажила поминала извесно време со сопругот и децата во Австралија, а по враќањето, со нејзиниот сопруг во 2000 година се преселиле на Кинарос. По смртта на сопругот во 2013, таа живее сама на островот
Comments are closed for this post.