Со помош на скенер и специјално обучено куче, царинските служби на солунското пристаниште откриле контејнер од Кина со 629.000 кутии, односно 12.596.000 парчиња шверцувани цигари, соопштуваат од Независна служба за јавни приходи на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Сомнителниот контејнер со шверцуваните цигари, според грчката телевизија Антена требало да стигне во Македонија, а надлежните власти се сомневаат дека фирмата наведена во документите воопшто и не постои.
Во документите наместо цигари, било пријавено, дека контејнерот што од Кина пристигнал во Солун, содржи ткаенини.
Беше направена контрола на конкретниот контејнер кога пристигна на пристаништето во Солун од Кина. Скенерот на почеток покажа знаци дека постојат тутунски производи, а овие знаци потоа беа потврдени од кучето, вели за грчката телевизија Антена, директорката на царинската служба во Солун, Фотини Парусиду.
Од Независна служба за јавни приходи на Грција, соопштуваат дека царинските давачки, а со тоа и штетата за земјата од шверцуваните цигари достигнува до 2.491.400,57 евра.
Цигарите и контејнерот како средство за транспорт на шверцувана стока, биле конфискувани, а за случајот бил информиран и Јавниот обвинител во Солун.
Comments are closed for this post.