Знаевме дека ќе загубиме одредени гласови поради Договорот од Преспа, вели министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос во интервју за грчката телевизија „Контра“ и објаснува дека СИРИЗА имаше лоши резултати на изборите и во други области, а не само во северниот дел, каде што беа најсилни реакциите за решението меѓу двете земји, јави дописничката на МИА од Атина.

Знаевме дека ќе изгубиме одредени гласови поради Преспа и ова точно ја покажува вредноста на премиерот како национален лидер дека националниот интерес на земјата, како што самиот и ние го разбиравме, го стави над партискиот интерес – вели шефот на грчката дипломатија.

За поврзаноста на Договорот од Преспа со изборните резултати во Северна Грција и ниските проценти за СИРИЗА, Катругалос објаснува дека и во областа Атика што се смета за бастион на левицата, резултатите не биле очекуваните.

Не гледам некаква квалитативна разлика во некои од резултатите. Навистина во некои делови паѓаме подолу од просечната национална граница. Но, и во други области, особено во Атика што е бастион на левицата, гледам дека ни таму не ги имавме резултатите што ги очекувавме. Треба да видиме, да ги анализираме, но не сега, туку по изборите, сега е време за борба, објаснува министерот за надворешни работи на Грција во интервјуто за ТВ „Контра“.

За изборниот резултат од европските и локалните избори, Катругалос вели дека не го очекувал и треба владата да ги побара причините.