Европа ги третира земјите на пристигнување, како што е Грција, како соодветен „паркинг простор“ за бегалци и мигранти, изјави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за германскиот весник „Ханделсблат“ и се прашува дали е тоа европска солидарност, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис истакнува дека Турција се обидува мигрантското прашање да го користи како алатка за притисок, за да ја принуди Европа да направи отстапки, при тоа додавајќи оти на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган отворено му спомнал дека „не може да ги корист мигрантите и бегалците, ако сака да има добрососедски односи со Грција“.
– Во изминатиот период, кога се обидуваме да стапиме во контакт со турската крајбрежна служба и да им посочиме дека од турското крајбрежје тргна брод со мигранти, од нив нема реакција. Ова е неприфатливо затоа што го прекршува Договорот ЕУ –Турција за мигрантското прашање, посочи Мицотакис.
Грчкиот премиер, преку германскиот весник испраќа порака и до земјите од ЕУ, велејќи дека „не може една земја да ги бара придобивки од шенген зоната, а истовремено да одбива да го сподели товарот, како што прават некои земји од Источна Европа“.
– Европа ги третира земјите на пристигнување, како што е Грција, како погодни „паркинг простор“ за бегалци и мигранти. Оваа е европската солидарност? Не. Повеќе нема да го прифаќам тоа, истакна Мицотакис, додавајќи дека не може да го прифати ставот на сите оние што се однесуваат како да е исклучиво проблем на Грција и објаснува дека треба да се најде решение на европско ниво.
Паралелно ги споменува и децата бегалци без придружба, потенцирајќи дека 4.000 се наоѓаат во Грција и истакнува дека ако нема соодветна грижа за нив, може да бидат жртви на злоупотреба.
-Толку многу ќе им наштети на Унгарија или Полска ако примат 100 од овие деца, запраша Мицотакис.
Грчкиот премиер ги споменува и мерките што ќе ги преземе неговата Влада, како што се построги и побрзи процедури за доделување азил, изградба на затворени центри и поголем надзор на морскиот дел меѓу Грција и Турција.
– Секој кој нема да добие азил, треба да се врати или во Турција или во земјата на негово потекло. Затоа ќе формираме затворени центри. Освен тоа, ќе ја зајакнеме нашата крајбрежна стража за да може подобро да го надгледува морскиот дел меѓу Грција и Турција, посочи грчкиот премиер во интервјуто за германскиот весник.
Comments are closed for this post.