Марјан Шарец, кој пред да заплови во политичките води беше познат како имитатор на политичари, ќе ја предводи првата словенечка малцинска влада како најмлад премиер.

Шарец, кој ќе наполни 41 година во декември, пред четири години ја основа Листата со која отиде на локалните избори во својот роден град Камник.
Тој беше двапати градоначалник на Камник, 2010 и 2014 година, кога освои 63 отсто од гласовите. Овој политички „новодојденец” јавноста прво го запозна како комичар.

Тој ја напушти глумата  веднаш штом стана градоначалник. Сепак, Шарец е амбициозен и се чини дека одамна има зацртано да стане премиер, вели  словенечката агенција, истакнувајќи дека, по сè изгледа, и брзо учи.

По гласањето во парламентот, Шарец рече дека неговата влада е „достојна за доверба” ​​и веднаш „ќе почне да работи”. На новата влада, како што рече, ќе и суди според она што го постигнала.

Шарец најави дека неговата прва посета во странство ќе биде Австрија, односно Салцбург, каде што  следната недела ќе присуствува на неформалниот состанок на лидерите на ЕУ.