Името „Република Северна Македонија“ е најлошото можно, што се однесува до идниот мир и развој на Балканот. Кога го слушнав за прв пат, бев повеќе од непријатно изненадена и во прв момент го прифатив како диверзија против Бугарија и Грција, што ветува кризи, а не единство на полуостровот. Името „Северна Македонија“ им дава на тие луѓе, со отсечен бугарски корен, идентитет. Морално и повеќе правно на целиот свет му вели дека таму живеат Македонци со историја што им припаѓа.

Ова во софиски „Труд“ го пишува извесна Светлана Тилкова-Алена, која во текстот под наслов „Македонизмот умре! Да живее светскиот македонизам!“ не само што ги осудува бугарските власти за потпишувањето на договорот за добрососедство и немото прифаќање на тој од Преспа, туку значењето на новото име на државата го гледа низ призмата на, ни помалку, ни повеќе, туку астрологијата и ѕвездите.

Според авторката, 11 јануари, кога беа изгласани уставните промени, самиот „ден е носител на судбоносна послушност, а што ќе сака судбината, знае само Создателот. Иднината е базирана на акумулираната карма од страна на нашите соседи според границата. Во тој случај, заедничките вибрации за стабилност не се гарантирани заради насилно наметнатиот, а не преку доброволно прифатен избор од не баш малку македонски пратеници. Според астрономските карактеристики, лошо избраниот ден за гласање ни говори дека спротивставувањето меѓу луѓето и различните етноси во Северна Македонија ќе се засили, некаде и до нетрпеливост, што ќе води и до агресија. Името не ја определува содржината, затоа допрва ќе ги собираме плодовите, што населението и власта на таа земја ќе ги раѓаат во нивниот обид да си го докажат потеклото и историските претензии“.

Авторката оди натаму, па пишува:

„Предупредувањата и за Бугарија и за Грција се екстремни и категорични-внимателност, претпазливост, разумност и молневито блокирање на секакви обиди за територијални, материјални и историски претензии се главната задача на двете држави. И ако договорот меѓу Бугарија и Македонија од 1.08.2017 г. говори за почеток на крајот на македонизмот, тогаш сложениот датум меѓу Преспанскиот договор и гласањето за името на државата од страна на парламентот во Скопје ни открива дека се раѓа нов, уште помегаломански македонизам“.