Косовскиот премиер, Албин Курти ја повика Србија да се откаже од национализмот, оценувајќи дека Белград продолжува „со старите сништа, кои станаа ноќен кошмар за нивните соседи, но и за самиот српски народ“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното интервју за „Фајненшл тајмс“, што го пренесуваат медиумите во Приштина, Курти вели дека „една симетрија на правата на малцинствата“ од двете страни би била „најефикасната борба против национализмот“.

– Тука мислам дека е проблемот со Белград. Тие продолжуваат со старите сништа, кои станаа ноќен кошмар за нивните соседи, но и за самиот српски народ. Една симетрија на правата на малцинствата, исти права за Србите во Косово и за Косоварите во Србија, би била најефикасната борба против национализмот, изјави Курти.

Според косовскиот премиер, постои јасна опасност од руска вклученост во односите меѓу Косово и Србија, со што се зголемува можноста за конфликт.

– Вознемирени сме, но не и уплашени. Како ќе се развива ситуацијата ќе зависи многу од односот и притисокот на западните демокрации врз Белград, изјави Курти.

Тој побарал од западните сили да го помогнат Косово во неговите амбиции за зачленување во ЕУ и НАТО, како и да го зголемат притисокот врз Србија со цел да се решат децениските тензии кога е во прашање државноста на Косово