Директорот на косовската полиција Рашит Ќалај најави дека Косово и оваа година ќе побара прием во Интерпол, и покрај неуспехот да го стори тоа на последниот самит на светската полициска организација, што се одржа минатиот ноември во Дубаи, јави дописникот на МИА од Приштина.
Ќалај во интервју за весникот „Епока е Ре” изјави дека и годинава приоритет на косовската полиција ќе биде борбата против организираниот криминал и корупцијата.
Борбата против криминалот и корупцијата треба да се води за иднината на земјата, а не заради визна либерализација и евроинтеграции, изјави Ќалај.
На последниот самит на Интерпол во Саудиска Арабија, на гласањето одржано на 20 ноември, Косово не успеа да ги обезбеди потребните две третини од гласовите на земјите членки за зачленување.
Вината за таквиот исход властите во Приштина ја префрлија на официјален Белград, кој водеше жестока кампања против зачленувањето на Косово во таа организација.
Непосредно по самитот, на 27 ноември, уследи одклуката на Владата на Рамуш Харадинај за воведување такса од 100 отсто на увозот на сите производи од Србија и Босна и Херцеговина.
Comments are closed for this post.