Панос Каменос има потенцијална одговорност ако ми се случи нешто мене и на моето семејство, пишува Никос Коѕијас во тужбата, што преку неговиот адвокат ја покрена против претседателот на Независни Грци и поранешен министер и коалициски партнер во грчката Влада, јави МИА од Атина.
Поранешниот шеф на грчката дипломатија, смета дека со лагите и дезинформациите што ги ширел Панос Каменос, нарушени му се честа, угледот и достоинството.
– Прекршоците се: клевета, закана, поттикнување закана, ширење лажни вести и нарушување на парламентарната демократија во член 157 од Кривичниот законик односно односите на Парламентот со пратениците, рече Христос Куцинасиос, адвокатот на Коѕијас по доставувањето на тужбата.
Во тужбата, поранешниот шеф на грчката дипломатија истакнува дека постојат уценувачи кои му се заканувале, кои го клеветеле, со цел да ја оцрнат и самата политика што тој ја водел, а тоа е Договорот од Преспа. Коѕијас пишува дека уценувачите ширеле три лаги за да го принудат да замолчи: дека зел 50 милиони евра од Сорос, дека крадел пари од тајните фондови на грчкото Министерство за надворешни работи и оти на нелегален и за него профитабилен начин одбрал компанија за издавање визи.
Откако адвокатот на Коѕијас ја достави тужбата, преку неговиот официјален Твитер профил се огласи Панос Каменос.
– Подготвен сум и ќе ги доставам сите докази до правдата од која толку се плаши, напиша Каменос на Твитер.
Comments are closed for this post.