Поранешниот шеф на грчката дипломатија, a сега пратеник и надлежен за надворешна политика во опозициската СИРИЗА, Јоргос Катругалос, во разговор за МИА  вели дека фестивалот е добра можност за поголема комуникација меѓу граѓаните од двете земји, по Договорот од Преспа.

-Договорот од Преспа ги постави основите за народите од двете земји да стапуваат во контакт, да ги наоѓаат работите што ги обединуваат, а не оние што ги разделуваат. Сметам дека Договорот од Преспа не одигра важна улога само во високата дипломатија за да запре горчливата билатерална разлика меѓу двете земји, не само што го стабилизираше балканскиот регион, направи нешто уште поважно, им даде можност на граѓаните на Северна Македонија и на граѓаните на Грција да комуницираат, меѓусебно да се разбираат и мислам дека фестивалот „Спутник“ даде добра можност за чекор кон тоа, вели Катругалос.