Поранешниот претседател на ПАСОК и министер за надворешни работи на Грција, Евангелос Венизелос, во пресрет на предвремените парламентарни избори во Грција и по средбата со лидерката на Движењето на промена (коалицијата на ПАСОК) ја напушта партијата. Причина за одлуката на Венизелос се несогласувањата во партијата. Како што изјави тој, по ваквата одлука и без партиски обврски ќе има можност динамично да ги брани неговите позиции за иднината на татковината.
Не ѝ посакав успех за планот што КИНАЛ (Движење на промена) го прави опашка на СИРИЗА, но ѝ се заблагодарив бидејќи веќе ќе имам можност, без партиски обврски динамично да ги бранам моите позиции за иднината на татковината – изјави Венизелос по средбата со Генимата, што била по нејзина иницијатива.
Поранешниот претседател на ПАСОК, објасни дека Генимата изразила став оти имаат несогласувања околу линијата што треба да ја следи Движењето на промена и дека за носител на пратеничката листа ќе назначи друг кандидат.
Исто така ми рече дека не сака да изгледа дека на изборите не го поддржувам Движењето на промена, па затоа последното место на листата со кандидати за целата држава би можело да го добијам јас – објасни Венизелос.
Од Движењето на промена соопштија дека со одлука на претседателката, Фофи Генимата, носител на пратеничката листа за цела Грција, на претстојните избори, ќе биде Јоргос Каминис кој до неодамна беше градоначалник на Атина.
Comments are closed for this post.