Европската унија е сериозно загрижена во врска со големиот број новинари и универзитетски професори кои сé уште се наоѓаат во завор во Турција, изјави еврокомесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан, по средба со турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

На средбата присуствувала и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, која изрази сериозна загриженост за последните апсења на универзитетски професори и рече дека се надева оти лидерот на прокурдската Демократска партија на народите (ДПН) Селахатин Демирташ наскоро ќе биде ослободен.

Чавушоглу од своја страна изјави дека очекува поголема поддршка од ЕУ за прашања поврзани со борбата против тероризмот.

Овој состанок има две цели. Првата е да ги разгледаме сите аспекти на соработка меѓу Турција и ЕУ, а другата е размена на ставовите за ситуацијата во регионот, безбедносните и надворешнополитичките теми. Турција во борбата против тероризмот очекува поконкретна поддршка од членките на ЕУ – ја цитира агенцијата Анадолја, изјавата на Чавушоглу.

Состанокот на Чавушоглу со Могерини и со Хан доаѓа во рамките на Високиот политички дијалог на Турција и ЕУ.