Американскиот експерт за Балканот, Едвард Џозеф изјави дека македонскиот модел може да се искористи за надминување на политичката криза во Србија и дека САД или Европската Унија или поединечни нејзини членки би можеле да посредуваат во преговорите меѓу владата и опозицијата.

Џозеф, предавач на Универзитетот Џон Хопкинс во Вашингтон, синоќа за телевизијата Н1 изјави дека има релевантен пример од Македонија, каде што пред 10 години имаше големи демонстрации против тогашниот премиер Никола Груевски.

-Опозицијата имаше барања и дојде до преговори кои резултираа со Пржинскиот договор, кој би можел да биде модел за Србија. Македонскиот модел би можел да се искористи и прилагоди во Србија, на пример, да се дојде до преодна влада во која опозицијата има клучна позиција во власта. И тука потенцијално имате улога на надворешно посредување од САД и владите на земјите-членки на ЕУ или Унијата, кажа Џозеф.

Пржинскиот договор од 2015 година, што го постигнаа македонските водечки политички партии со посредство на Европската Унија, стави крај на политичката и институционалната криза во земјата. Договорот предвидуваше влез на претставници на опозицијата во министерствата, предвремена оставка на премиерот Груевски и формирање преодна влада која ќе ја одведе земјата до општи избори.