Лекар од судска медицина од Атина денеска ќе пристигне на грчкиот остров Икариа за да направи обдукција на телото и да ги одреди причините за смртта на британската туристка, која вчера беше пронајдена мртва, јави дописничката на МИА од Атина.
Телото на 35-годишната Натали Кристофер, по 72 часа интензивна потрага, вчера попладне беше пронајдено на непроодна локација, во провалија длабока околу 20 метри, а трупот и во текот на ноќта остана на истото место за денеска да се изврши обдукцијата.
Според првичните информации во Грција, жената била поклопена од карпа што паднала врз неа, а телото било пронајдено, по сигналот од нејзиниот мобилен телефон.
Грчката полиција вчера потврди дека пронајденото тело е на исчезнатата астрофизичарка, која заедно со нејзиниот партнер од Кипар престојуваа на Икариа.
Партнерот на 35-годишната Кристофер во понеделникот напладне пријавил во полиција дека Британката е исчезната, откако не одговарала на неговите повици. Претходно, телефонски разговарале, кога му рекла дека излегла да трча и да планинари.
Потрагата по исчезнатата се водеше на копно, во вода и со хеликоптер и со специјална опрема за лоцирање на мобилниот телефон според сигналот, а на грчката полиција ѝ помагаа крајбрежната и противпожарната служба како и волонтери.
Веројатно е, според првичните информации, дека станува збор за несреќен случај, откако Британката сакала да се качи на карпата.
Затоа, овој случај во ниту еден момент, во Грција, не се поврза со смртта на 60-годишната Сузан Итон, Американката- биолог, која минатиот месец беше убиена на грчкиот остров Крит.
Итон, на Крит беше на научен симпозиум, а една седмица се водеше за исчезната откако и се загуби секаква трага едно попладне кога излегла да трча.
За убиството, уапсен е 27-годишен Грк, кој призна дека најпрво со возилото ја прегазил 60-годишната, потоа ја ставил во багажникот на автомобилот, потоа ја силувал и ја убил.
Comments are closed for this post.