Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, денеска оцени дека однесувањето на Албанија на Самитот „Брдо-Бриони” во Тирана, каде нејзините претставници говореле за укинување на границата со Косово и спојување на три општини од југот од Србија на територијата на Косово, „е безобразие кое заслужува остра реакција на Србија”.
„Ова е плукање во лицето на цела ЕУ, на сите оние кои ја убедуваат Србија дека треба да бидеме конструктивни, што значи дека ние ќе седиме на масата, а тие под маса ќе го форсираат формирањето на „Голема Албанија”, рече Дачиќ за РТС, додавајќи „ние сме мали, но не сме глупави”.
Коментирајќи ги изјавите на политичките лидери во Приштина и Тирана за националното обединување на Албанците и отворање на границата меѓу Албанија и Косово, Дачиќ изјави дека Пандорината кутија одамна е отворена со признавањето на независноста на Косово и дека сега тоа е промоција на „Голема Албанија”.
„Ја критикуваа Србија и српските функционери за идејата за разграничување и рекоа дека нема промени на границите. Каде се сега, зошто вчера не се огласија?“, праша Дачиќ.
Тој додаде дека затоа се поставува прашањето дали воопшто треба да се учествува на вакви собири во светот, бидејќи зад грб се турка идејата за „Голема Албанија”.
„Кога ние за ова предупредувавме, ни беше кажано дека тоа е наша фантазија, а сега за ова говорат Рама, Тачи, а и Харадинај не е поразличен од нив“, рече Дачиќ.
Според него, Приштина и Тирана ја имаат навикнато меѓународната заедница на „ненормалност, а во услови на општо лудило, паметните испаѓа дека се луди”.
Запрашан дали меѓународните фактори ќе реагираат, тој рече дека ќе „се начекаме, бидејќи тоа изгледа како да заседаваат тибетанските мудреци”.
Во врска таканаречениот „таен план и заговор” за кој косовскиот премиер Рамуш Харадинај тврди дека постои меѓу Вучиќ, Федерика Могерини, Хашим Тачи и Еди Рама, за поделбата на Косово, Дачиќ рече дека не постои никаков таен план, туку дека е во прашање јавен план „оти нема да им биде дозволено еднострано прогласување на независноста на Косово”.
Comments are closed for this post.