Во петок, на 30 октомври 2020 година, во 08:20 часот, во Клиничкиот болнички центар на Црна Гора, по приемот на Светата Тајна Причест, почина Архиепископот цетински и Митрополит црногорско и приморски Амфилохије, соопшти митрополијата на Црна Гора.

Претходно, болницата каде Амфилохије беше хоспитализиран објави дека е „поставен во режим на инвазивна вентилација“.

Некои медиуми синоќа објавија дека Митрополитот на Црна Гора починал поради последици од корона вирусот. Скоро во исто време, пристигна демант од Митрополијата на Црна Гора, од каде беше објавено дека веста не е точна и дека состојбата на Митрополитот е стабилна.

Потоа, на веб-страницата на МПЦ беше пренесена изјавата на докторот на клиниката каде се лекува митрополитот, кој изјави дека неговата состојба е сериозна, но дека е стабилизиран.

Сите други детали во врска со погребот наскоро ќе бидат објавени во јавноста, наведуваат од митрополијата.