Во Црна Гора, идната година ќе биде воведено доброволно служење на воениот рок, објави весникот „Побједа“, повикувајќи се на извори црногорското министерство за одбрана. Планот е, наведува медиумот, одлуката да стапи на сила идната година, а до тогаш треба да се подготви неопходната законска регулатива.

Како што пишува весникот, воспоставувањето доброволно служење на воениот рок е една од приоритетните развојни цели на долгорочниот план за развој на одбраната 2016-2025. Според тие планови, според капацитетите со коишто располага центарот за обука на војската на Црна Гора, во обуката би учествувале 100 војници годишно.

Задолжителното служење на воениот рок во Црна Гора беше укинато во 2006 година, откако Црна Гора стана независна држава.