Ципрас го одбра Каменос, е коментарот на грчките опозициски партии по оставката на Никос Коѕијас.
Претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис вели дека грчкиот премиер одбрал да го отстрани најсилниот поддржувач на Договорот од Преспа, а да го задржи оној кој што се противи.
Лидерот на партијата Река, коментира дека оставка дал оној кој ја изразува владината линија, додека пак претседателката на Движење на промена вели дека Ципрас и Каменос рака под рака се движат кон амбис.
Го отстрани човекот кој беше најголемиот поддржувач на договорот и во исто време во владата го задржа господинот Каменос, кој смело има изјавено дека овој договор не го сака, не го поддржува и нема шанси во никој случај да се согласи да гласа за него, рече Мицотакис од Брисел и додаде дека „Ципрас не е само слаб, туку и уценет премиер“.
Воедно, претседателот на Нова демократија порача дека на земјата и е потребна „стабилна и одлучна влада која ќе говори во еден глас и во внатрешноста и во надворешноста“.
Меѓу Коѕијас–Каменос, господинот Ципрас го одбра Каменос. Заложник на министерот за одбрана кој беше именуван во многу силен потпретседател на владата. Предупредувањата дека нема да толерира двојни гласови, личат комплетно смешни кога самиот изразувач на двојни гласови останува на неговата позиција и дава оставка изразувачот на владината линија, напиша лидерот на партијата Река, Ставрос Теодоракис на неговиот официјален Твитер профил.
Оставката на Коѕијас ја потврдува кризата што ја поткопува владината коалиција. Ципрас го направи неговиот избор. Рака под рака со господинот Каменос одат кон амбис. Но, нема да ја земат и земјата со нив, рече лидерката на Движење на промена, Фофи Генимата.
Comments are closed for this post.