„Православната црква го слави големиот бугарски духовник и просветител св.Климент архиепископ Охридски.

По тој повод, во сите епархии на Бугарската православна црква се служи празнична света литургија…“.

Вака на 25 ноември годинава БНР ги најави чествувањата за големиот празник на Бугарската православна црква. БПЦ го користи новиот Грегоријански календар, па затоа празнувањето на св.Климент Охридски се одржува две недели порано.

Св.Климент Охридски е една од личностите за која македонските и бугарските историчари постигнаа согласност за заедничко чествување на јубилејни годишнини, иако содржината на протоколот се уште не е обелоденета.

За постигнатата согласност на 21 февруари 2019 година преку соопштение информираше Институтот за национална историја, што претставуваше злоупотреба на Институтот и на функцијата директор од страна на копретседавачот на македонската комисија Драги Ѓоргиев.

Фалсификувањето на историјата, на што постојано се повикува Бугарија во однос на Македонија, очигледно е дозволено само за бугарската страна. Зашто, во почетните две реченици не само што на св.Климент Охридски му се дава етнички предзнак-бугарски-туку му се доделува и титула на архиепископ, што тој никогаш ниту ја имал, ниту можел да ја има.

Според нашите медијависти, никаде во посредните пишувани извори св.Климент Охридски не се споменува со црковното достоинство на архиепископ, туку како епископ словенски. Особено во неговите оригинални или поучни слова самиот се пишувал како Климент, епископ словенски.

Неговата црковна дијацеза, Словенската епископија со седиште во Охридскиот духовен и книжевен центар, била еднакво независна како во однос на Источниот црковен центар Константинопол, така и во однос на Западниот римопапски центар.

Духовната и книжевната дејност на св.Климент Охридски се одвива на просторот на Македонија, и неговиот култ се развивал и се афирмирал во Охридскиот духовен и книжевен центар во Македонија и, што е најважно, неговиот култ во народните легенди и преданија се задржал само меѓу македонското христијанско население. Па следствено, и во нашата современост св.Климент Охридски се слави и почитува како заштитник на градот Охрид и охриѓани, како светителски патрон на МПЦ-ОА и, најважно да се потенцира, неговата слава и почит се издигнати на степен на светителски заштитник на македонскиот народ.