Албанската телевизија „Топ чанл“ соопшти дека сопственикот на бугарската телекомуникациона компанија „Виваком“, Спас Русев, го добил тендерот за купување на „Телеком Албанија“, што досега беше сопственост на германскиот телеоператор „Дојче телеком“.
„Телеком Албанија“ извесно време водеше преговори со различни купувачи, но според албанскиот Тв-канал „Дојче телеком“ одлучил албанската компанија да му ја продаде на Спас Русев, чиј партнер во купопродажбата е Елвин Гури, познат албански инвеститор, кој последните 20 години живее во Бугарија.
Во својата информација албанскиот Тв-канал не ја соопштува сумата за која ќе биде купен „Телеком Албанија“, кој е најголемиот албански мобилен оператор. Тој е на пазарот од 1996 година и до денес 99,76 отсто беше во сопственост на „Дојче телеком“.
Во моментов „Виваком“ е најголемата телекокомуникациска компанија во Бугарија. Таа имала успешна 2017 година со приходи од 455 милиони евра, а добивката изнесувала 165 милиони евра.
Идниот втор акционер во „Телеком Албанија“, партнерот на Русев, Елвин Гури, е инвеститор и претприемач со над 15-годишно искуство во банкарскиот сектор и инвестиции во деловниот капитал. Тој ја започнал кариерата како ревизор, а подоцна се вработил во Европската банка за обнова и развој како претставник во Лондон и во Софија. Елвин дипломирал на универзитетот Оксфорд.
Comments are closed for this post.