Бугарија се согласи дека мора да се гради заеднички тунел. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски оствари средба со вицепремиерот и министер за транспорт и врски на Бугарија, Гроздан Караџов, на која била истакната неопходноста за изградба и модернизација на европските транспортни коридори, со посебен акцент на железничкиот и патниот Коридор 8, како предуслов до регионален економски развој и олеснување на транспортот и трговијата. До неодамна идеја и желба, од денеска обврска – двете држави ќе усогласат заеднички договор, кој ќе биде основа за изградба на тунелот кој директно ќе ја поврзе македонската и бугарската железничка мрежа.

Потенцирајќи го прашањето за железничкото поврзување меѓу двете земји, двајцата соговорници нагласија дека овој проект има регионална димензија, каде покрај економското значење, се наметнува и прашањето за стратешкото позиционирање на НАТО Алијансата преку поврзување на Јадранското и Црното море. Двајцата соговорници се согласија за нова средба во периодот кој следи со цел заеднички да се усогласи текстот на Договорот со кој ќе се постигне согласност за изградба на заедничкиот тунел којшто треба да ги поврзе Македонија и Бугарија со што ќе се придвижат работите за реализација на железничкиот Коридор 8, наведуваат од Министерството за транспорт.

Бугарија се согласува да инвестира дури 1,5 милијарди евра во развојот на коридорот што е важен чекор напред кон реализација на оваа идеја. Станува збор за заеднички интерес и заедничка одговорност, а трошокот ќе го сносат двете земји.

На средбата била нагласена стратешката важност на Коридорот 8, не само од економски аспект, туку и од геополитички. Поврзувањето на Јадранот со Црното море е интерес и на НАТО, а со тоа и на цела Европа. Затоа, ова не е прашање кое смее да се третира политички. Инженерски е предизвик, но решлив, за што потребна е соработка, а не блокада.

Закажана е нова билатерална средба, а експерти од двете земји ќе учествуваат на состанок организиран од Европската Комисија во јули – уште еден доказ дека Коридор 8 конечно се движи напред.