Судот на Европската унија и нареди на Австрија да престане да им ги конфискува мобилните телефони, парите и други вредни предмети на лицата, кои бараат азил во државата, соопшти „Обсервер“. Според судиите во Луксенбург, австриските законски одредби со кои за бегалците се ограничуваат социјалниот систем и пазарот на трудот во Австрија, се спротивни на европското законодавство.
Австриската влада воведе законски мерки со кои барателите на азил во Австрија треба да ги предаваат своите мобилни телефони и да платат 840 евра за влез во државата. Парите биле користени за покривање на трошоците додека биле разгледувани молбите за азил на бегалците. А, по мобилните телефони австриските власти утврдувале дали тврдењата на бегалците за тоа од каде пристигнале, соодветствуваат со податоците за геолокација во апаратите. Ако се утврдело дека во Австрија влегле од друга европска држава, во која е во сила Даблинската регулатива на ЕУ, тие требало да бидат вратени таму.
Одлуката на Судот е објавена токму на денот кога британскиот „Дејли телеграф“ објави напис, според кој марокански полицајци, финансирани и обучувани од ЕУ, силувале жени од Африка, кои сакале да бараат азил на Стариот континент. Тие се обидувале да стигнат до ЕУ преку северноафриканската држава. Насилството било документирано од две невладини организации-Мароканската асоцијација за заштита на човековите права и Антирасистичката група за поддршка и заштита на странци и мигранти. Со сексуални услуги мароканските полицајци и граничари им дозволувале на жените да минат поминат преку границите.
Според „Дејли телеграф“, само годинава од Мароко во Шпанија, а од таму во Италија и Грција, преминале над 55.000 лица. Весникот пишува дека Мароко, заедно со Либија, Алжир и Тунис, тивко се претвориле во нова фронтовска линија на ЕУ во битката за стопирање на нелегалната миграција кон Европа. Властите во овие држави имаат добиено стотици милиони евра од ЕУ за спречување на азилнтскиот бран од Африка.
Comments are closed for this post.