Турција ја отповика својата амбасадорка во Уганда, откако беше објавена слика на која се гледа како за време на прослвата на турски национален празник таа е облечена во фустан инспириран од грчката митологија.

Амбасадорката Седеф Јавузалп, организирала прием во амбасадата во Кампала, главниот град на Уганда, по повод турскиот национален празник што се слави на 29 октомври, денот кога во 1923 година, Мустафа Кемал Ататурк ја прогласил турската република.

Сликата била објавена на твитер профилот на парламентот на Уганда, чија претседателка Ребека Кадага била на приемот, а на фотографијата може да се забележи амбасадорката, заедно со уште еден турски дипломат облечени во тоги и со круна од маслинови гранчиња на главата.


Таа фотографија беше причина турскиот националистички весник Сезџо вчера да пишува за скандал, притоа објавувајќи ја фотографијата на насловната страница.

Голем скандал на Денот на републиката – Амбасадорката беше Елена од Троја, а нејзиниот помошник, грчкиот бог Зевс – напиша весникот на насловната страница.

Од министерството за надворешни работи соопштија дека била спроведена итна истрага поради тие фотографии објавени на социјалните мрежи и дека амбасадорката е повикана назад во Турција.

Министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, исто така на твитер објави дека амбасадорката е официјално отповикана.


Ваквата реакција доаѓа поради тоа што секое спомнување за постоењето на хеленска и римска цивилизација на турска територија предизвикува бес кај турските националисти, коишто инсистираат на турскиот идентитет на државата.

Како што обајавуваат другите турски медиуми, амбасадорката, којашто ја извршувала таа должност во претходните пет години, сакала да ја промовира 2018 година како година на Троја, легендарниот град за кој се верува дека се наоѓал во близина на Чанакале на западот на Турција, каде што има археолошки локалитет.