Обединетата албанска опозиција вечерва ќе го одржи осмиот „национален протест“ со почеток во 19 часот пред Владата во Тирана, за кој очекува да биде најмасовен до сега, но според медиумите можно е да биде и најнасилен.

На тоа наведуваат сознанија на полицијата дека се можни напади врз институциите, поради што албанските власти најавија ангажирање многу поголем број на припадници на безбедносните сили.

Освен повеќето од 1.700 полицајци, ќе бидат ангажирани и припадниците на Националната гарда, полициски службеници од Драч и Елбасан, а во другите Полициски комесаријати вработените ќе бидат во мобилна состојба. Во првиот полицски кордон пред Владата ќе бидат распоредени и припадниците на специјалната единица „Шќипоња“.

Владата веќе е оградена со метална ограда, поставени се камери со висока резолуција, а специјалната единица Ренеа и онаа за брза интевенција ќе бидат распоредени позади владниот објект.

Исто така, бидејќи не е исклучено протестот да се префрли од пред Владата пред законодавниот дом, големи полициските сили ќе бидат распоредени и пред Парламентот, каде што на последниот протест беше најтензично.

Ќе има и протiвпожарнi и возила за брза помош, како и цистерни со вода, во случај полицијата да мора да употрени водени топови. Со оглед на прекумерната употреба на пиротехнички средства, како што се чадни бомби и молотови коктели, во толпата ќе бидат инфилтрирани и агенти од секорот за антитероризам.

Мерки презема и сообраќајната полиција. На автобусите со кои ќе доаѓаат демонстрантите од внатрешноста нема да им се дозволи влез во центарот на Тирана. Оние кои доаѓаат од северниот дел ќе се паркираат пред спортскиот центар „Аслан Руси“, додека оние од југот кај економскиот факултет.

Од партиското седиште, лидерот на опозициската Демократска партија Љуљзим Баша синоќа уште еднаш побара заминување на премиерот Еди Рама и „ослободување од најлошото зло што ја зафатило земјата“.

„Очите на целиот свет се вперени кон Албанија за да се види како ќе се реши кризата. Го повикувам на протест секој граѓанин кој посакува ослободување на Албанија од криминалот и дрогата. Колку побрзо замине Еди Рама толку подобро за иднината на земјата“, рече меѓу другото Баша во синоќешнот апел за што поголема масовност на протестот.

И претседателката на втората по големина опозициска партија, Социјалистичкото движење за интеграција, Моника Круемади, синоќа од соброт во Тирана ги повика граѓаните што помасовно да учествуваат на протес и рече дека на власта на премиерот Рама и се наѕира крајот и додаде дека опозицијата нема да „гори згради во државна сопственост, туку ќе ја урне Владата и премиерот“.

„Овој протест е многу важен бидејќи само величенствено присуство ќе ги урне темелите на гнилиот менталитет што остана во умот на премиерот во заминување“, рече Круемади, која поради оперативен зафат што и беше извршен во Италија, не присуствуваше на последниот протест што се одржа на втори јуни.

Таа нагласи дека битката што ја водат е со организираниот криминал „чиј лик и име е Еди Рама“ и оти таа битка нема да престане се додека еднаш засекогаш не си замине.

Пред протестот се огласи амерканската амбасада во Тирана, која откако потсети на насилството на изминатите протести, употребата на солзавец и водени топови, своите државјани ги советува да ги избегнуваат местата каде што ќе се протестира.

Додека опозицијата бара негово заминување, одлагање на локалните избори за шест месеци, формирање преодна влада која ќе спроведе предвремени парламентарн избори, Рама ја продолжува изборната кампања, од каде порачува дека избори на 30 јуни ќе се одржат и без опозицијата.

Околу барањата за одлагање на локалните избори и подготвеноста на претседателот Илир Мета дека доколку има политички договор тој ќе го презакаже денот на изборите,Рама рече дека „ не може да се дозволи некој да си поигрува со Уставот како со топка од партали“