Петре Шилегов денеска изјави дека, согласно Статутот на СДСМ, одлуката за исклучување на член ја носи општинската организација во која тој припаѓа, а не Извршниот одбор. Тој го повика претседателот на партијата Венко Филипче, доколку сака да ја спроведе таквата иницијатива, да дојде во општинската организација во Карпош и да разговара со членството.

„Ако го прочитале Статутот, ќе им биде јасно дека исклучувањето на член на СДСМ го врши општинската организација во која тој член припаѓа. Ако веќе сака да спроведат таква иницијатива, нека дојде во Карпош. Таму ќе разговараме со членството. Јас ќе се потрудам да има сериозно многу членови – и за моето исклучување, но и за неговото заминување“, изјави Шилегов.

Тој додаде дека нема да дозволи, како што рече, да биде „валкано“ сè што направил професионално и политички за СДСМ, обвинувајќи дека актуелниот претседател бил „нестатутарно избран“.

Изјавата Шилегов ја даде на паузата од рочиштето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, каде што тој застапува еден од обвинетите. Тој повтори дека, според него, актуелното раководство на СДСМ работи во договор со ВМРО-ДПМНЕ и дека постои, како што наведе, „договор“ партијата да остане во сегашната состојба.

„Кажав дека постои договор СДСМ да биде во ваква состојба, упорно да ги промашува темите и да дозволи ВМРО-ДПМНЕ да истера два мандата, за сметка на тоа да не бидат предмет на евентуални истраги или кривични предмети. Партијата е кадровски целосно исцрпена и луѓето на кои им значи СДСМ веќе не се таму“, изјави Шилегов.

Претходно, на прес-конференција, лидерот на СДСМ Венко Филипче соопшти дека Извршниот одбор донел едногласна одлука за исклучување на Шилегов, по спроведени проверки од кои, според него, било утврдено дека тој работи на поделба и раситнување на партијата во договор со ВМРО-ДПМНЕ.

Филипче изјави дека станува збор за процес на „одработување“ за политичкиот противник и дека партијата нема да дозволи внатрешни поделби.