Претседателката Гордана Сиљановска Давкова одржа денес маратонски говор во Собранието во кој тргна од Кочани, евроинтеграцијата, судскиот систем,  економијата, па до улогата на Народната банка на Македонија, енергетиката, двокрадците, претераната урбанизација, образованието, имиграцијата, животната средина, дијаспората, климатските промени – и што уште не.

Генерално таа порача дека речиси цела надворешно-политичка активност годинава ја насочила  на евроинтеграцијата, иако не оствари  посета ни на Брисел, ни на Берлин , ни на Париз надвор од пошироките собири, а како „историска“ ја оцени својата посета на Азербејџан. Освен поплаките  за условите што ни ги поставува ЕУ за продолжување на преговорите, претседателката успеа да лоцира вина и кај претходната влада со оценка дека, по промената на името на државата, секоја друга уставна промена што се бара од нас изгледа бенигна за ЕУ.

„Потребна е политичка волја, наша и на Унијата (за да продолжат преговорите). Ние сме предложиле повеќе политички решенија, а ЕУ треба да избере едно од нив или  да најде решение самата. Ако можеше да го направи тоа за Украина, може и за нашата држава“, порача Сиљановска за блокадата на евроинтеграцијата. Според неа, со уште една уставна измена, од овој процес ќе излеземе како старецот од морето – со костур од риба во рацете, нагласувајќи потоа: „Еве до каде не доведоа храбрите одлуки“ (на претходната власт)“.

Во тој стил таа посочи дека највисоки оценки од ЕУ Македонија добила во периодот од 2017 до 2020 година, кога сме ги потпишале Договорот со Бугарија и Преспанскиот договор , а сега сме стигнале до „ограничен напредок“, па заклучи дека тоа сме го заслужиле со прифаќање на решенија и услови што не се поврзани со владеењето на правото, кои ги нарече „нов политички критериум“.

„На вагата на ЕУ нашите уставни измени вредат повеќе од вистинските реформи“, рече претседателката нагласувајќи дека најнов услов сега е внесувањето на Бугарите во Уставот иако во 1996 година во студија за „Повторното враќање на демократијата“ Уставот на Македонија се нашол меѓу 12 други што биле издвоени.

„Секаде каде што одев го бранев нашето уставно право за европско членство и посочував на парадоксалната недоследност дека сме  20 години со статус на кандидат за членство“, рече таа прашувајќи јавно  „како може  со записник да се амандманира билатерален договор ( со Бугарија)?“

Претседателката , за разлика од премиерот Христијан Мицкоски, посвети добар дел од говорот и на Кочани. Притоа, судската разврска за пожарот ја нарече тест од кој ќе зависи дали судството ќе ја стекне довербата на јавноста  или трајно ќе ја изгуби.  Според неа, со пожарот во кој загинаа 63 лица, на површина излегоа стихијното одлучување, недостигот на системска култура и неказнивост кои наметнуваат потреба за длабоко преиспитување.

„ Кочани не доведе до ѕидот на срамот“, рече таа и порача дека сите ние до крајот на животот ќе ја носиме  траумата од оваа најголема трагедија. Беше децидна дека толерирањето на корупцијата и несанкционирањето на криминалот ја зголемуваат опасноста до точка на катастрофа.

„ Во случајот на Кочани не зборуваме само за право, туку за правда, етика и морал. Ја разбирам болката на семејствата на настраданите. Го разбирам нивниот оправдан гнев и бес“, истакна претседателката.

Таа наедно ги повика политичарите да престанат со дневнополитичките препукувања на сметка на судството околу овој процес.

„Треба да ги оставиме на мир обвинителите да обвинуваат, бранителите да бранат, а судиите да судат. Партиите и политичарите треба да ги прекинат дневнополитичките препукувања на сметка на работата на судот и болката на семејствата. Нивните најмили не можеме да ги вратиме“, порача таа.

Околу бранувањата за навестеното можно доаѓање на азиланти од Обединетото Кралство претседателката рече дека ако тие се безбедносна закана за таа држава, уште поголема безбедносна закана се за нашата.

Таа го „нападна“ и неконтролираното градење во државата  и повика на урбана дисциплина за јавниот простор  со порака дека државата треба да ги штити граѓаните, а не тие да се штитат од неа.

Сиљановска исто така повтори дека нема да именува два нови члена за Судскиот совет додека не се донесе новиот закон за ова тело кој, според нејзина оценка, треба да направи вистинска промена бидејќи стариот  е генератор за партизација, политизација и влијание на судството.  „Од реформите во судството, рече таа, ќе зависи  дали судството ќе реќе не кога политиката ќе рече да“.