Кога една партија што се претставува како најголема опозициска сила ќе почне да се пресметува со медиумите, да рецензира наслови и да прогласува заговори, тоа е знак дека ја изгубила политичката ориентација. Кога ќе влезе во отворен конфликт и со новинарите и со сопствените луѓе, тогаш веќе не станува збор за напад однадвор, туку за распад одвнатре.
Тезата на СДСМ дека е жртва на „медиумски октопод“ дефинитивно паѓа во вода по јавните настапи на Ивор Мицковски. Не затоа што е гласен, туку затоа што е внатрешен. Не зборува политички противник, туку поранешен партиски функционер кој без задршка го опишува актуелното раководство како „арогантно, клановско, трибално, депотенцирано, искаљано, криминално и криминогено, тесно и финансиски зависно, просто и некултурно, караџиско, испразнето од секаква политичка тежина и цел, освен личниот спас од кривична одговорност“.
Тоа не е медиумски наслов. Тоа е внатрешна дијагноза.
Мицковски оди чекор подалеку и директно ја лоцира штетата што ова раководство ѝ ја прави не само на партијата, туку и на државата. Тој јавно повикува да се престане со „испишување црни страници“, со „одработување за тесни интереси“ и со „правење услуга на власта“, порачувајќи дека со вакво водство „нема иднина ни партијата, ни државата“. Заклучокот му е поразителен:
„Секој ден повеќе со вас е ден изгубен за нешто да се подобри во Македонија.“
И наместо ова да биде аларм за сериозно внатрешно преиспитување, од СДСМ повторно следи истата матрица – медиумите се виновни, критиката е заговор, а секој што зборува е проблем.
Во вториот јавен настап, Мицковски директно ја разголува стратегијата што ја води Венко Филипче. Според него, претседателот на СДСМ се опкружува со „Рубен Земон и слични испрдоци“, откако претходно ги избркал или оддалечил „сите вистински и децениски членови на партијата“. Уште пострашно, тие луѓе биле етикетирани како „квислинзи, предавници или соработници на ВМРО“.
Мицковски тука повлекува линија што не може лесно да се избрише: стратегијата на ад-персонам дискредитација и оцрнување, вели тој, не е социјалдемократска – тоа е стратегија воведена од ВМРО во времето на Никола Груевски. И денес, според него, ја применува „наводен социјалдемократ со октроирана и узурпирана титула претседател на партија“, и тоа врз луѓе кои „на улица, со целосна животна посветеност, се бореле против режимот“, додека тој „стоел до вмровски министри и помагал политики на ВМРО на Груевски“.
Ова веќе не е внатрепартиска кавга. Ова е јавно обвинување за идеолошка и морална девалвација на партијата.
И тука доаѓаме до суштината: недозволиво е една опозициска партија, која самата се претставува како најголема и најрелевантна, да се занимава со пресметки со медиуми додека ѝ се распаѓа сопствената структура. Недозволиво е секоја критика да се прогласува за напад, а секој внатрешен глас за предавство.
Партијата пука одвнатре, а виновни се медиумите. Кадрите си заминуваат, а виновни се насловите. Поранешните функционери алармираат, а одговорот е дисквалификација.
Но не може сите да се криви – а само раководството безгрешно.
СДСМ денес не води борба за власт, туку војна со реалноста. И додека раководството се кара со новинарите, вистината излегува од сопствените редови – сè погласна, сè понепријатна и сè потешка за игнорирање. Зашто кога сопствен човек ќе каже дека секој ден со вакво раководство е „ден изгубен за Македонија“, тоа не е медиумска конструкција. Тоа е политичка пресуда.







Comments are closed for this post.