По завршувањето на првата фаза од разговорите со коалициските партнери во текот на викендот, можеме да констатираме дека средбите поминаа во конструктивна атмосфера, во духот на меѓусебна почит, партнерство и заедничка определба за понатамошно унапредување на работата на Владата, брифираат извори за „Pressing TV“.

Во разговорите беа потврдени принципите кои претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски, јасно ги истакна во своето обраќање во Струмица а кои се однесуваат на одговорност, резултати, достапност до граѓаните, ефикасност во работењето и бескомпромисна посветеност на интересите на народот.

Сите коалициски партнери ја споделуваат определбата Владата да продолжи со засилено темпо во реализацијата на програмските приоритети и реформите кои се очекуваат од граѓаните. Во текот на разговорите беше нагласено дека реконструкцијата не се води од партиски или персонални интереси, туку од потребата за дополнително јакнење на институционалниот капацитет и уште поефикасна реализација на владината програма. Во првата половина од наредната недела ќе следуваат финални консултации и разговори на кои ќе бидат разгледани и потврдени конечните решенија и позиции.

По завршувањето на процесот, јавноста ќе биде навремено и транспарентно информирана за сите донесени одлуки. Она што останува непроменето е принципот дека секој носител на јавна функција мора да биде достапен за граѓаните, отчетен за својата работа и целосно посветен на исполнување на обврските што произлегуваат од довербата добиена од народот. Целта на процесот е Владата да биде уште поефикасна, уште поблиска до граѓаните и уште посилно фокусирана на резултатите кои значат подобар животен стандард, економски развој и исполнување на стратешките цели на државата.